За 6 септември (вторник) е одложен главниот претрес во судењето на сопственикот на „А1“телевизија Велија Рамковски и неговите соработници обвинети во случајот „Пајажина“.
Причина за ваквата одлука од страна Кривичниот суд во Скопје е тоа што обвинетиот Велија Рамковски остана без одбрана.
Откако судот констатира дека се исполнети законските претпоставки за одржување на главниот претрес и донесе решение главниот претрес да продолжи со доказна постапка, рочиштето започна со доцнење од еден час.
Најпрвин требаше да биде сослушан сведокот Томислав Станковиќ, законски застапник и сопственик на фирмата Топер, кој се изјасни дека воопшто не е запознаен за што е повикан, и побара од судот да му дозволи да даде изјава на следниот главен претрес. Судот се согласи и побара од сведокот на следниот претрес да дојде со адвокат и потребната документација. На ова решение реагираше адвокатот Мирослав Вјуиќ, на кој му беше појаснето дека тука нема ништо нерегуларно и беше предупреден понатаму да не го нарушува редот и мирот во судницата. По неколку вакви опомени судијката Павлина Христовска го отстрани Вујиќ од судницата.
Обвинетиот Рамковски наведе дека со отстранувањето на адвокатот Мирослав Вујиќ значително му е загрозена можноста за одбрана, бидејќи Вујиќ е најтемелно запознаен со предметот.
Стеван Павлевски, еден од адвокатите на обвинетите, приговори дека ваквата одлука на судот не е штетна само за Рамковски туку и за другите обвинети и побара враќање на Мирослав Вујиќ во судската сала. Кон овој приговор се придружија и останатите адвокати.
Судот реши да направи пет минутна пауза за да го разгледа предлогот на Павлевски, но истата не резултираше со враќање на адвокатот Мирослав Вујиќ , бидејќи ова не било прв пат да биде опоменуван. По ова решение од страна на судот и другите адвокати решија да ја напуштат судската сала, а судот им изрече парична казна од по 500 ЕВРА.
Откако Рамковски остана без ниеден бранител, судот мораше да го одложи рочиштето за следниот ден. На денешното рочиште искази требаше да дадат и сопственикот на печатницата „Европа 92“, како и други сведоци.
Слично:



